Истрага за единаесет лица, за злоупотреба на тендер за набвака на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино отвори Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Во фокусот на истрагата е фирмата РКМ која го добила тендерот и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски.
„Во периодот на 2021 – 2023 година двајца осомничени, во својство на основачи и управители на кривично одговорното правно лице свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино поднеле невистинита документација. Со намера да го изиграат договорот не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата остварувајќи корист од големи размери за кривично одговорното правно лице а на штета на државниот буџет во вкупен износ од 10.304.324.094 денари или околу 167.549.985 евра“ стои во соопштението на ОЈО ГОКК.
Меѓу осомничените е и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски. Сулкоски е поранешен вработен во Пуцко Петрол, а потоа стана еден од сопствениците на РКМ заедно со Капушевски. Во истрагата е опфатен и екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство и се бара со меѓународна потерница за случајот Адитив. Опфатен е и уште еден поранешен директор на ЕСМ, Адријан Муча кој е во притвор за истиот случај.
Парите од кривичнито дело, осомничените ги пуштиле во промет, промениле и пренеле на друг со цел да се прикрие изворот на потеклото. Со дел од парите купиле два мерцедеси, дел ги трансферирале на своите сметки во разни банки, а потоа ги подигале во готовина. Бил потпишан и анекс со РКМ и биле префрлени над милион евра, а потоа парите еден од осомничените си ги префрлал како позајмица на фирмата. Претреси беа извршени на повеќе локации во Скопје, Битола и Кичево.
„Во рамки на акцијата лишени од слобода се 11 лица, едно лице е недостапно за органите на прогонот и едно е со мерка притвор. До сега, од извршените претреси пронајдени и одземени се документација, пет мобилни телефонски апарати, околу 1500 парчиња муниција од различен калибар, два пиштоли и три патнички моторни возила“, соопштија од МВР.
Истрагата е за злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, како и за кривично дело перење пари.
Марија Митевска











