Делови од Скопје веќе неколку недели се соочуваат со прекини во водоснабдувањето или со многу слаб притисок, алармираат граѓаните. На температури кои достигнуваат и над 40 степени, жителите се прашуваат како е можно да немаат пристап до питка вода за основните потреби. Од ЈП „Водовод и канализација“ потврдуваат дека ситуацијата е критична. Дневната потрошувачка достигнува рекордни 350 илјади метри кубни вода, бројка која, според претпријатието, досега не е забележана. Стручњаците предупредуваат дека е потребна итна реакција, а решение постои.
„Краткорочни решенија се да се апелира за поголема свест кај јавноста да се троши што помалку потребна вода и веднаш да се преземат технички мерки за подобрување на пумпните станици и на системот кој го имаме за да може да живееме нормално“, изјави Горан Марковски, декан на Градежен факултет.
Еден од клучните проблеми, кој дополнително го оптоварува системот, се нелегалните приклучоци на мрежата, по кои Водовод постојано е во потрага.
„Екипите на Водовод постојано се на терен, ги откриваат нелегалните приклучоци. Прво ги исклучува. По составување на записник се отпочнува постапка за кражба на вода преку комуналниот инспекторат“, изјави Зоран Недевски, ЈП „Водовод и канализација“.
Според годишниот извештај за 2024 година, претпријатието располага со специјализирано теренско возило за откривање дефекти. Имаат вкупно 192 возила со просечна старост од 14,5 години, а бројот на вработени е нешто над илјада. Доминацијата е машка – 80% од кадарот, најголем дел на возраст од 50 до 60 години.
Додека од Водовод постојано апелираат граѓаните рационално да ја користат водата на улицата Аврам Писевски во Чаир жителите безгрижно за време на викендот си го чистеа бетонот и ги наводнуваа тревниците, додека нивните соседи на само 50 метри немаат вода и едвај одржуваат лична хигиена.
Тамара Марковска











