Денеска продолжува судењето за случајот „Штекли“, во кој повеќе лица се обвинети за организирана продажба на дрога. Пред Основниот кривичен суд Скопје судењето ќе продолжи со сведочење на вешти лица на Обвинителството за психолошката состојба на Раде Трајковски.
На претходното рочиште сведочеше вештото лице на одбраната, психијатарот Ѓорѓија Хаџи Ангелковски, кој го оцени обвинетиот Раде Трајковски – Штекли како психотичен, со шизофрени карактеристики. Според проценката, Трајковски покажува верување во реинкарнација и фиктивни личности кои му „наредуваат“ како да постапува, што според одбраната го прави неспособен да ја следи судската постапка.
Судијата Илија Трпков најави дека ќе ги соочи вештите лица од двете страни пред да донесе одлука дали ќе се прифати едно од вештачењата или ќе се нареди ново.
Обвинението, поднесено од Обвинителството за гонење на организиран криминал, опфаќа вкупно 10 лица, по речиси едногодишна истрага во која биле применети посебни истражни мерки. Првично биле опфатени 16 лица, од кои седум веќе склучиле спогодби и добиле затворски казни од 3 до 3,5 години.











