Во Основниот суд во Струга, поради промена на судечкиот судија, од почеток започна главната расправа за предметот во кој струшкиот градоначалник Рамиз Мерко е обвинет за незаконска набавка на четири службени возила, меѓу кои е и луксузното „Ауди А6“ од 67.000 евра, во време кога општината била со блокирана сметка поради долгови. Судијата Јордан Јованов го одби барањето на одбранта на Мерко за отфрлање на обвинението поради застареност.
„Со оглед дека веќе претходно беше донесено решение од колешката што го водеше предметот, дека не се прифаќа приговорот и расправата почнува од почеток, јас повторно ја донесов истата одлука и сметам дека има прекин на рокот за застареност. Од тие прични ние ја отворивме расправата и почнавме со изведување на доказите“, рече Јордан Јованов, судија во Основниот суд во Струга.
Како сведок на одбраната сведочеше Нада Бојаџивеска, ревизорка од Државниот завод за ревизија, која учествуваше во подготовката на ревизорскиот извештај за финансиското работење на Општина Струга за 2018 година, кога беше набавено службеното Ауди. Според одбраната, во овој ревизорски извештај нема забелешки дека возниот парк е незаконски набавен, туку ревизорите само ја посочуваат потребата од допрецизирање на законското решение за трошење на неопходните средства за време на блокирана сметка.
„Ревизорот од ДЗР, Нада Бојаџиевска децидно изнесе дека останува во целост на напишаното во извештајот за 2018 година, нема промена на мислењето што ја потврдува тезата на одбраната дека нема незаконитости во постапката за набавка на возилата. Обвинителството не го оспори исказот на овој сведок”, вели Игор Петковски, адвокат на Рамиз Мерко.
Поради болест нa обвинителот, денеска се одложи судењето за предметот во кој Мерко се товари за поттикнување етничка омраза и раздор кај граѓаните, затоа што лани во март постави спомен плоча на општинската зграда испишана на албански јазик, со која се велича фашистичката окупација на Струга.
И за утре се закажани три рочишта за предметите за незаконско поставување на директори во струшките училишта. Против Рамзи Мерко се поднесени вкупно девет обвиненија, за кои има активни судски постапки, а во секоја му е запретена и затворска казна. Тој е на црната листа на САД од 2023 година поради вмешаност во корупција.
Емилија Мисирлиевски











