Бугарија се очекува во јуни да добие зелено светло од Брисел за воведување на еврото, перспектива загрижува многу граѓани.
„Доколку Бугарија се приклучи на еврозоната, тоа ќе биде како да се качувате на Титаник“, изјави Николај Иванов, пензиониран висок функционер, на неодамнешниот протест на кој се бараше задржување на бугарската валута – левот.
Од јануари, противниците на воведувањето на заедничка европска валута во Бугарија започнаа протести и побараа референдум за ова прашање, среде поплава од дезинформации. Сеќавања на економската криза од 1996-1997 година, во која 14 банки банкротираа, а хиперинфлацијата скокна до над 300 проценти, исто така, оживеја, а тоа беше потикнато од опозицијата.
Неколку неодамнешни анкети покажаа дека речиси половина од испитаниците се противат на приклучување на Бугарија кон еврозоната. Дебатата повторно ја разгоре анти-ЕУ пропагандата, а многу од оние што се противеа на усвојување на еврото почнаа да веат руски знамиња.
Бугарија, која се приклучи на Европската унија во 2007 година, е најсиромашната земја во Унијата.
А „сиромашните се плашат дека ќе станат уште посиромашни“, изјави Боријана Димитрова, директорка на Институтот за истражување „Алфа“.
Ова, заедно со недовербата во институциите по години нестабилност, создаде плодна почва за населението од 6,4 милиони да се плаши од економски промени. Овој страв беше поттикнат и од некои политички групи, вклучувајќи ја и крајнодесничарската партија „Препород“, која за денеска повика на нов митинг против еврото во главниот град.
Според податоците на Евростат, една третина од Бугарите во текот на минатата година се соочиле со закана од сиромаштија или социјална исклученост.











