Љупчо Палевски Палчо, првообвинет во случајот со убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и на 74 годишниот Панче Жежовски, од Турција планирал да замине за Минск и за Москва. Ова на денешното рочиште го обелодени обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска за време на изведување на доказите и ја опишаа целата комуникација на Палевски во критичните денови. Палевски на Вибер комуницирал со извесен Драган кој се наоѓал во Москва и на кој му напишал дека на 5 декември треба да пристигне во рускиот град и побарал од него помош да го земе од аеродром.
На телефонот на Палевски, најдена е и порака од Хусеин, неговиот домаќин во Турција во која било анведено дека купил авионска карта за Минск. Во периодот меѓу 27 ноември и 1 декември 2023 година, обвинетиот не остварил разговори со никого освен со обвинетиот Влатко Кешишев и Стефан Димковски, кој го однесе во Турција, а најмногу разговори имал на Телеграм .
На 27 ноември 2023 година кога ќе биде грабната и убиена Ѓорчевска едно лице го прашува Палевски дали да поминат со друго лице на кафе, на што тој му одговара дека е уморен, цел ноќ не спиел.
Откако Палевски беше екстрадиран во земјава и при неговото спроведување во притвор со себе носел два лаптопа, фотоапарат, два мобилни телефона, како и други предмети и папки со документи. Обвинителството предложи и нови докази кои не биле заверени при поднесувањето на обвинението како вештачењето од психијатар за Палевски, како и пресуда против него од судот во Задар и известување од МВР за тоа дали и кој од обвинетите поседува оружје со дозвола.
Меѓу доказите кои беа презентирани се и предметите пронајдени при изврешните увиди, на местата на грабнувањата и убиствата на Ѓорчевска и Жежовски. Претходно, Палевски побара изземање на двете обвинителки во случајот Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитриевска како и на шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски, но и на судијата Ивица Стефановски поради пристрасност и приложи докази за тоа и за обид за дискредитација на сведокот Ерол Османи. Судењето продолжува на 21 февруари.
Срѓан Стојанчов











