Вода што течеше повеќе од два месеци од пукната водоводна цевка кај поранешната фабрика ОХИС конечно се санира. По апелот на медиумите, денес ЈП „Водовод и канализација“ веднаш почнаа со работа. Работниците беа на терен уште од утринава. Тие користеа специјализирани црева и пумпи за да ја исцедат водата од местото на дефектот. Споделија со нас дека не би требало да биде попречен соообраќајот на самиот булевар додека трае самата санација. Сообраќајот ќе се одвива без никаков прекин. Жителите пак од околината ќе немаат вода додека трае санацијата.
По вчерашните подготовки за отстранување на дефектот, денеска се работи на терен.
Ве известуваме дека на ден 22.08.2025 поради уличен дефект ф-300 мм на ул.Борис Трајковски бб(во кругот на Охис), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул.Борис Трајковски-крак 9 и 11. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот. – велат од ЈП „Водовод и канализација“.
На површина од десетици метри водата од пукнатата цевка направи мало езеро, што предизвика и сериозна закана за депонијата со лидан во Охис. Линданот е високо токсичен и претставува еколошка закана за главниот град доколку дојде до негово ширење.
Фабриката Охис и понатаму е потенцијална опасна зона за скопјани. Иако водоводниот дефект се санира целосното чистење на Охис и отстранување на линданот бара дополнителни финансинки средства и време.
,,Целосната санација и обнова на поранешната локација на хемиската индустрија ОХИС претставува не само техничка, туку и морална и институционална обврска кон сегашните и идните генерации’’ – велат од министерство за животна средина и просторно планирање.
Одтаму за Телма велат дека процесот на чистење на малата депонија со линдан е сложен и финансиски интензивен проект, кој се реализира со поддршка од Мулти-партнерскиот еколошки фонд.
Марија Коцева











