Началник на Секторот за гранични работи – Север, Наим Рамука е разрешен од позицијата. Нему МВР не му ја продолжена наредбата со којашто тој ја извршуваше оваа функција, а на негово места е поставена Маја Темелкова-Сотирова.
Рамука се најде на удар на опозицијата како главен организатор на бегството на Блерим Рамадани на Косово, но и за пропуштањето на колоната свадбари, која ја предводеше претседателот на Собранието, Африм Гаши.
За последниот случај, МВР покрена и дисциплинска постапка, а мерки беа поведени и за шест полициски службеници.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР го расчисти случајот од 17.08.2024 на граничниот премин „Долно Блаце“ при обезбедување на делегација на претседателот на Собранието, Африм Гаши, и по извршен увид во службените материјали, анализа на видео надзорот и извршени разговори со полициски службеници, поради сторена повреда на работниот ред и дисциплина утврдено во член 187 став 1 алинеја 10 од Законот за внатрешни работи, и член 210 став 1 алинеја 10 од Колективниот договор на МВР, од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе бидат изготвени предлози за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полициските службеници Н.Р., М.С., А.Б., Б.А, Н.Б. и Б.С.“, се вели во соопштението од МВР.
- Внатрешната контрола констатира дека, откако делегацијата, во која како носител се јавува претседателот на Собранието, ја поминува државната граница на граничниот премин Долно Блаце на лентата за Излез бр. 1, по неа поминуваат шест цивилни возила, кои во меѓу просторот на граничните премини се приклучуваат на делегацијата, без да се изврши контрола на патниците и возилата, а во одреден временски интервал сите ленти за излез од државата се затворени, при што во тој период од страна на Н.Б. (полициски службеник од обезбедувањето на претседателот на Собранието) и Б.А. (полициски службеник од ПС за ГП Долно Блаце), се извлекува возило кое е заглавено во лентата за Излез бр.3 и истото се насочува кон Излез бр.1 и возилото ја поминува граничната линија без да се изврши контрола на патниците и возилото.

СДСМ: Тошковски и МВР конечно признаа вина кај Наим Рамука, мора законски да одговара
Тошковски и МВР под притисок на СДСМ конечно признаа вина кај Наим Рамука и го разрешија. Власта не успеа да го спаси, иако се обудуваше да ги заташка бројните скандали и да му обезбеди заштита на Рамука, велат од опозицијата.
- На границата со Косово се случија серија на скандали за кои СДСМ секојдневно алармираше. По налог на Рамука слободно, без контрола и евиденција се поминуваше, што беше случај и со сватовите на Гаши, но и со бегството на Рамадани, потсетуваат од СДСМ, и додадаваат дека со разрешувањето МВР и Тошковски уште еднаш ги потврдија сите информации што ги објави СДСМ како апсолутно точни. Иако Мицкоски негираше, а Тошковски молчење.
Според нив, разрешувањето на Рамука е само еден чекор, тој мора и законски да одговара. Очекуваме Обвинителството да постапи по овој случај и сите инволвирани во скандалите на северната граница законски да одговараат.
Партиите го повикуваат Обвинителството да го расчисти бегството на Рамадани











