Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Републиканскиот „црвен бран“ се распадна уште на првата пречка

/

пред 1425 дена

Сподели преку :

Човекот кој пред само неколку месеци беше на работ на смртта, сега ги одржа во живот надежите на демократите, и со својата победа ги најави неочекувано позитивните резултати на т.н мидтерм избори, бидејќи се одржуваат на средина од претседателскиот мандат. Џон Фетерман се соочи со популарниот д-р Оз во Пенсилванија, и иако неговата кампања беше значително ограничена поради здравствените проблеми, успеа да го победи кандидатот на Трамп. Од другата страна, републиканците, кои кампањата ја фокусираа на лошите економски резултати на администрацијата на Бајден, потенцирајќи го постојаното покачување на трошоците за живот и високата инфлација, во исто време ја минираа со контроверзни ставови околу абортусот.

И покрај непогодните услови, предизвикани од непопуларниот претседател и високата инфлација, демократите постигнаа историски резултат. Младите гласачи, про-избор гласачите, и една подгрупа репуликански гласачи од предградијата, на кои им е преку глава од Трамп, се чини дека беа главните три двигатели на резултатите кои ги видовме до сега, вели Мајк Вагнер, професор на Школата за новинарство и масовни комуникации на Универзитетот Висконсин – Мадисон.

Тетовираниот љубител на дуксери, Џон Фетерман, кој пред неколку месеци преживеа мозочен удар поради што мораше да води само онлајн кампања, со победата во Пенсилванија им влеа надеж на демократите кои стравуваа од тежок пораз.

Воопшто не очекував дека овие црвени окрузи ќе ги претвориме во сини. Но, го направивме тоа што требаше, и истата порака ја упативме до секој еден од тие окрузи. И вечерва, токму затоа јас ќе бидам идниот сенатор од Пенсилванија, порача Фетерман по победата.

Најавениот републикански црвен бран, кој требаше да ги збрише демократите се до Вашингтон, не успеа да излезе од Флорида, и тоа благодарение само на Рон ДеСантис, кој во исто време беше единствениот републиканец чија репутација порасна после овие избори. За разлика од него, поранешниот претседател Доналд Трамп, го претрпе најтешкиот удар меѓу републиканците. Трамп беше многу активен за време на кампањата, настапувајќи на низа митинзи на кандидатите кои ги подржа ширум државата, искористувајќи ја приликата за себепромоција и најава на новата кандидатура за претседателските избори. Но, по завршувањето на гласањето и објавувањето на резултатите, не е мал бројот на аналитичари кои оценуваат дека токму поддршката од Трамп била најголемата пречка за нивниот избор.

Не е јасно дали поддршката од Трамп е начин да се стигне до победата. Всушност, тоа можеби ги одврати од гласање некои од републиканските гласачи, кои минатиот пат беа подготвени да влезат во циркусот на Трамп, но овој пат одлучија дека сакаат нешто по централно, не толку бомбастично, помалку екстремно. Можеби тоа е иднината на партијата во многу делови од државата, вели Линдзи Кормак, професор по политички науки на Технолошкиот институт Хобокен.

Гуернерот Рон ДеСантис, кој комотно освои уште еден мандат во Флорида, беше меѓу кандидатите кои Трамп не ги поддржа. Не само што не доби поддршка од него, туку беше мета на низа валкани и подмолни напади од страна на поранешниот претседател, кој очигледно стравува од евентуално соочување со него во трката за партиската кандидатура, која ќе започне на пролет. ДеСантис, кој и самиот е дел од тврдокорното крило на партија и многумина го сметаат за исто толку радикален како и Трамп, за сега вешто маневрира околу најконтроверзните теми во Америка и ги покажува сите знаци дека се подготвува да посегне по партиската номинација за претседателските избори во 2024 година.

Игор Трајков