Обвинителката Ленче Ристоска, која беше една од тројцата кандидати за судија во Судот за човекови права во Стразбур, вели дека пред поништување на изборот за кандидати, побарале од неа да ја повлече кандидатурата. Не прецизира кој побарал да се повлече.
Таа смета дека со поништувањето на изборот, без појаснување кои критериуми не ги исполнуваат предложените, Владата постапува спротивно на препораките на Советот на Европа. Во објавата на Фејсбук, Ристоска пишува дека според препораките на Советот на Европа, постапката мора да биде извесна и однапред пропишана, фер и транспарентна, а Владата мора да го оправда секое отстапување од листата утврдена од Комисијата.
„Последниве два месеца имав укажувања дека треба да ја повлечам мојата кандидатура за судија во судот во Стразбур, а во исто време во јавноста се одвиваше и клеветничка кампања против мене. Затоа и потегот на Владата за неприфаќање на листата за мене беше очекуван, само формата како Владата ќе се обиде да ги прекрши процедурата и препораките на Советот на Европа за избор на кандидати за судии, но и насоките што самата Влада ги дала на Комисијата во решението за нејзино формирање беше неизвесна“, вели обвинителката Ристоска.
Комисијата за избор во април распиша јавен оглас за избор на кандидати за судија во Стразбур. Се пријавија 20-тина кандидати, а оние што ги исполнувале условите, потоа беа интервјуирани од деветчлена Комисија, која врз основа на биографиите и интервјуата состави листа од тројца кандидати за судија во Стразбур – обвинителката Ленче Ристоска, апелационата судијка Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски. Владата ја поништи листата, зашто предложените кандидати не ги исполнувале критериумите, ја распушти Комисијата и формираше нова, која ќе треба да ја почне постапката од почеток.
Познавачите со кои разговаравме велат дека е нејасно како владата утврдила дека предложените кандидати не ги исполнуваат критериумите, кога Комисија формирана од Владата токму за таа цел претходно утврди дека критериумите биле исполнети.
Две од кандидатките – Ристоска и Гајдова бараат владата да каже што не исполнуваат.
Во владата и денеска прашавме во која постапка утврдиле дека предложените тројца кандидати не ги исполнуваат критериумите и кои точно критериуми не се исполнети, но го добивме истиот одговор како завчера – Проценката на Владата се темели на објективна анализа на исполнетоста на формалните и суштинските критериуми утврдени според стандардите и практиката на Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права. Не може да кажат кои критериуми не се исполнети „од почит кон интегритетот на процесот и личниот и професионален интегритет на сите номинирани“, иако предложените побараа да се каже што не исполнуваат.
Срѓан Стојанчов











