Државниот секретар на САД, Марко Рубио, вели дека следните неколку дена ќе покажат колку е сериозен Владимир Путин кога вели дека сака мир во Украина. Тој ќе биде дел од висока американска делегација која ќе разговара со руски функционери во Саудиска Арабија, со што почнуваат мировните разговори за Украина, која не е поканета на оваа средба.
Рубио негираше дека Европа е исклучена од почетните разговори помеѓу Русија и САД, откако европски функционери добиле прашалник од САД поврзан со иден мировен договор. Сепак, ниедна европска држава не е поканета во Саудиска Арабија, каде што, покрај Рубио, САД ќе ги претставуваат и советникот за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот претставник за Блиски Исток, Стив Виткоф.
Трамп оствари телефонски разговор со Путин минатата недела на кој како што пренесе американската администрација Путин пројавил интерес за мир.
Во исто време, денеска во Париз ќе се одржи вонреден самит на европските лидери, на кој теми ќе бидат Украина и новиот однос на САД кон Европа. Емануел Макрон кажа дека тоа ќе бидат консултативни разговор.











