Портпаролот на рускиот претседател, Дмитри Песков, денеска повтори дека руската федерација нема апсолутно ништо со експлозиите на проектилите во Полска во кои животот го загубија две лица.
Песков особено ја издвои, како што рече, воздржаната реакција на американскиот претседател Бајден, како контраст на „хистерични, неразумни и русофобни“ реакции на полските власти и на повеќе други членки на НАТО кои според него веднаш побрзале да ја обвинат Москва.
„Што се однесува до инцидентот во Полска, Русија немаше апсолутно ништо со него. Сведоци бевме на уште една хистерична, неразумна, русофобна реакција која не беше базирана на вистински информации. Би сакал уште еднаш да посветите внимание на воздржаната реакција на Соединетите држави, како контраст на апсолутно хистеричната реакција на Полската страна и повеќе други земји“ – изјави Песков.











