Ден по прославата на ослободувањето на јужниот град Херсон, Украина денеска се соочи со досега најжестокото руско ракетирање. Повеќе од 80 проектили се истрелани во текот на денот врз инфраструктурните објекти во градовите низ цела држава. Американските разузнавачи вечерва јавуваат дека дел од проектилите завршиле на полска територија, во близина на фарма, а Советот на безбедност на Полска закажа итна седница.
- Апелирам да не се објавуваат непотврдени информации засега, ќе коментираме за тоа и ќе информираме по крајот на состанокот кој сега ќе се одржи, откако соодветната информација ќе се презентира од страна на службата која ќе информира за овие настани, рече Пјотр Мулер, портпарол на Полска влада.
Веднаш по Полска, од кабинетот на Орбан, Золтан Ковач на Твитер објави дека и Унгарија ќе се одржат итна седница на советот за одбрана. „Како одговор на ракетата што ја погоди територијата на Полска прекинат на преносот на нафта преку нафтоводот Пријателство„ пишува Ковач. Американските безбедносните служби велат дека во моментот се проверува валидноста на информациите за напад на територијата на Полска.
- Како што кажав, ги разгледуваме овие информации, немаме никаква информација за да ја потврдиме во овој миг. Значи, не сакам да шпекулирам или влегувам во хипотези. Кога станува збор за нашите безбедносни обврски и членот 5, бевме кристално јасно дека ќе го браниме секој сантиметар на територијата на НАТО, истакна Пет Рајдер, Пентагон.
Руските напади во Украина дополнително предизвикаа прекин на снабдувањето со електричната енергија и недостапноста на интернет.
- Како можев да се чувствувам? Се тресам и се тресам. И природно не можете да сфатите што да правите и како да го направите тоа. Непредвидливо е, особено кога за првпат ќе видите огромна ракета, проектил што доаѓа во огромниот пламен. Па, како можев да се чувствувам?, вели Људмила, жителка на Киев.
- Се приближував, имаше остар чад во воздухот. Го видов чадот. И службите работеа. Прскаа вода насекаде. Живееме на првиот кат. Водата беше насекаде. Вода течеше низ скалите, вели Свитлана Авраменко, жителка на Киев.
Лидерите на Г20 најразвиени земји, кои се на самит во Бали, Индонезија со остри осуди за руските напади. За сега има информации за едено загинато лице во Киев. Од кабинетот на Зеленски соопштија дека ситуацијата низ земјата е „критична“. Тој имаше свое обраќање на самитот на Г20, а подоцна ги повика граѓаните да останата засолнети.
- Осумдесет и пет ракетни проектили беа испукани врз Украина, врз нашите градови. Нападите беа главно на енергетската инфраструктура. Јасно е што сака непријателот. Тој нема да ја постигне својата цел. Може да има уште околу 20 напади, затоа ве молам сите да останете безбедни и да останете покриени некое време. Знам дека нападите ни го прекинаа снабдувањето со енергија во многу градови во нашата земја. Работиме, и ќе вратиме сè, и ќе преживееме се. Слава на Украина!, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Шефот на руската дипломатија, Серегј Лавров, 20-минутниот говор на Зеленски, кој се вклучи преку видео врска, го нарече русофобичен полн со агресивна реторика, во кој нема потврда за било каква поддршка од Западот.
Билјана Ставрова











