Американскиот Стејт департмент соопшти дека две големи бразилски нарко-банди, Primeiro Comando da Capital и Comando Vermelho, ќе бидат означени како странски терористички организации. Според Вашингтон, станува збор за едни од најнасилните криминални групи во Бразил, одговорни за бројни напади врз полиција, јавни службеници и цивили.
Едната од нив важи за најмоќната криминална организација во Бразил и има значајна улога во шверцот на кокаин од земјите на Андите, додека втората е меѓу најголемите нарко-синдикати во државата и активно учествува во трговијата со дрога.
Полициските акции против овие групи често завршуваат со голем број жртви.
Бразилската влада се спротивстави на ваквата одлука, наведувајќи дека според домашното законодавство бандите немаат политички или идеолошки цели и затоа не треба да се третираат како терористички организации.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во последниот период ја проширува стратегијата за означување на латиноамерикански картели и банди како терористички групи.











