Вкупно 698 платни налози се издадени за 24 часа по основ на разни прекршоци од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и по основ на Законот за возила, информира министерството за внатрешни работи (МВР).
За неприлагодена брзина на движење се однесуваат 182, за неправилно паркирање 197, додека, пак, 64 лица се отстранети од сообраќај поради непоседување на возачка дозвола.
„За некористење сигурносен појас казнети се 27 учесници во сообраќајот, 24 возачи се санкционирани за користење на мобилен телефон при управување со возило, а изречени се 49 мерки за возачи на мотоцикл заради неносење заштитен шлем. Дополнително, евидентирани се шест случаи на минување на црвено светло, а изречени се дури 46 прекршочни платни налози за возачи на електрични тротинети за сторени сообраќајни прекршоци и се соочени со законски предвидените глоби, додека пак од сообраќај се отстранети осумина возачи заради управување на возило со прекумерно количество алкохол“, соопшти МВР.
Согласно Законот за возила, се додава во соопштението, вчера беа изречени четири прекршоци по основ на технички неисправни возила и 11 по основ на возила коишто не биле регистрирани.
Од МВР најавуваат дека и во наредните денови продолжуваат сообраќајните контроли и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.











