Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

СДСМ ќе гласаат против Гаши, за Мицкоски интерпелацијата е глупава

/

пред 789 дена

Сподели преку :

Пратениците на СДСМ и коалицијата ќе го поддржат барањето на Левица, претседателот на Собранието, да си замине од функцијата.

Сметаат дека, Африм Гаши, мора да понесе политичка одговорност за скандалот со косовската претседателка на Меѓународниот аеродром во Скопје, кога испрати член од неговото обезбедување да ја реши ситуацијата, а тој се закануваше со пиштол.

Аргумент плус за нив е и одењето со службено возило на свадба во Косово и поминувањето на сватовите со приватни возила, без пасошка контрола. Одлуката е донесена денеска на состанок на пратеничката група, а претходно и претседателот на партијата го искажа својот личен став.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, пак, ќе застанат во одбрана на Гаши, што му обезбедува сигурна позиција. За премиерот барањето на Левица нема никаква основа.

Извршниот одбор на ЗНАМ вечерва треба да донесе одлука како ќе гласаат нивните пратеници утре. иако е извесно дека ќе им дадат поддршка на коалиционите партнери.

Минатата недела околу интерпелацијата на средба со новинарите одговараше и Гаши, велејќи дека не е политички издржана, но сепак ќе ја почитува одлуката на мнозинството, каква и да биде. Се бранеше дека не направил никаква повреда на секуларноста, како и дека не побарал од никого да бидат прекршени меѓународните или домашните закони.

Интерпелацијата, за која ќе се расправа утре, е заснована на седум точки, образложени на десет страници.

Во барањето на Левица се наведува дека „спикерот Гаши уште од почетокот на неговото назначување работи своеволно, нестручно, несовесно и непрофесионално и згора на сѐ противзаконски, неуставно и неделовнички“.

Како главни причини се наведени, повреда на секуларноста на државата со молитвата во Собрание, скандалот на Меѓународниот аеродром во Скопје, повреда на употребата на Македонскиот јазик, повреда на правилата за употреба на државните инсигнии, односно знамето и химната,  неконстатирање на престанок на мандатот на Талат Џафери, патувањето во Вашингтон со неговата сопруга и повреда на низа деловнички одредби за нормална работа на пратениците и Собранието и продолжување на лошите практики.

Ги повикаа сите пратеници да ја поддржат интерпелацијата, а аргументите дека Гаши е подобар од Џафери ги нарекоа „крајно очајни“.

Далиборка Демјанска Цветановска