Поплавени домови, подруми и гаражи, евакуирани граѓани, непроодни улици, свлечишта, одрони на патиштата. Ова е епилогот од синоќешните обилни врнежи кои ја зафатија дел од државата, а најпогодени беа Кичево и Ресен, каде локалните власти формираа кризни штабови.
Стотина жители кои вчера беа евакуирани од своите домови во Кичево се сместени во салата „Христо Узунов“, обезбедени им се кревети и топли оброци, а присутни се и лекарски тимови. На терен се чистат наносите од реката Сатеска, а во критичниот дел, улицата „Партизанска“, каде што има дива населба и од каде се евакуирани жителите, сè уште има наноси на вода и не може да се почне со проценка на материјалната штета.
Евакуираните граѓани велат дека водата им ги поплавила домовите за само неколку минути.
Во Ресен се испумпува водата од поплавените имоти, се чистат каналите, а во моментот е издадена и препорака да не се користи водата од градскиот водовод. Штета има во градот и речиси сите села во регионот.
Критично било и во Љубојно, каде наноси завршиле во селото, а мештаните причината ја лоцираат во сечата на дрвата на ридовите над Љубојно.
Во Битола, тимови на јавните претпријатија ги санираат проблемите и последиците од обилните врнежи од дожд. Водата е повлечена од неколкуте улици кои вчера беа поплавени и таму се чисти теренот, а во околината на градот се чисти каналската мрежа и коритото на реката Драгор.
Во Тетово нема поплавени домови и ниви, но на патот кон излетничкото место Бањиче, кое е во непосредна близина на градот, има мал одрон кој ќе биде расчистен до крајот на денот.
Наредните 36 часа ќе бидат суви и стабилни, велат од УХМР. Ноќта меѓу петок и сабота ќе почне наоблачување, а во сабота повторно ќе има обилни врнежи на дожд и снег во планините и пад на температурите. Врнежи на снег ќе има и во недела на територија на целата државата.
Од „Македонија пат“ информираат дека сообраќајот се одвива во зимски услови, по влажни коловози, а превоите Стража и Пресека се проодни. Предупредуваат на можност од поситни одрони и апелираат граѓаните внимателно да управуваат со возилата.
Огнен Чанчаревиќ











