Додека Лекарската комора го очекува извештајот од надзорот на стручната Комисија на Министерството за здравство која утврди лекарски, системски и технички пропусти при третманот на 14 месечно бебе кое почина од бронхопневмонија, се огласи стручниот колегиум од Болницата Козле. Од таму тврдат тврдат дека пропуст не е направен и додаваат дека го очекуваат мислењето на етичката комисија на Лекарската комора, по што ќе преземат соодветни чекори
„Стручниот колегиум одговорно тврди дека сите лекари кои биле инволвирани во лекувањето на детето ги презеле и реализирале сите расположливи и потребни прегледи и иследувања, дадена е соодветна терапија според медицинските протоколи, не е утврден пропуст во постапувањето и лекувањето на детето, во согласност со целокупната медицинска документација како доказ во клиниката“, се наведува во соопштението на ЈЗУ УК за респираторни заболувања кај децата-Козле.
Стручната Комисија констатираше дека направен е превид во проценката за хоспитализација на 14 месечното бебе на Детската клиника, но задоцнила и кислородната поддршка во болницата во Козле. Од Лекарската комора соопштија дека ќе одлучат како ќе постапат откако ќе го добијат извештајот од надзорот.
„Лекарската комора со загриженост го следи настанот. Откако ќе го добиеме извештајот од Министерството за здравство, ќе биде разгледан во Комората, а што ќе се преземе понатаму зависи од неговата содржина“, наведуваат од Лекарската комора на Македонија.
Според Законот за здравствена заштита Комората може да предложи, а министерот да донесе решение за привремена забрана за вршење одреден дејност на установатата, но законот дава можност министерот да предложи Комората да поведе постапка за одземање на лиценцата на здравствен работник или преместување на друго работно место. Сега јавноста очекува епилог од случајот во кој поради лекарски пропусти, системски слабости и недостиг на опрема од бронхопневмонија на Клиниката за детски болест почина 14 месечно бебе.
Емилија Мисирлиевски
Лекарската комора го чека извештајот за смртта на 14-месечното бебе, јавноста очекува одговорност











