Три часа трае битката со огнот меѓу Пробиштип и селото Ратавица, односно кон Злетово. На терен можат да се видат членови на доброволното противпожарно друштво од Кочани, доброволците од Виница, како и местното население. Се прават, исто така, и пресеци, со цел огнот да не се доближи до селото Ратавица.
Ова е пожарот што попладнево избувна кај селото Бучиште, а потоа се пренасочи кон Неокази и зафати една голема површина од сува трева и шума. Во Бучиште е опожарена една куќа, целосно е изгорена, додека, исто така, се зафатени и неколку други куќи.
На терен можеа да се видат и Ер тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Местното население носи вода, исто така помагаат во гаснењето на пожарот.
„ДПД Кочани е заедно на терен со ДПД Виница со четири возила, Веже три часа сме на терен, ја контролираме линијата од Пробиштип кон Злетово. Дел од пожарот е ставен под контрола, но променливиот правец на ветерот сè уште задава потешкотии. Имаме и градежна механизација која се обидува да направи еден пресек, а ние ќе поставиме една линија и ќе се обидеме да дејствуваме по самата линија“, изјави еден од пожарникарите.
Пожарот меѓу Пробиштип и селото Ратавица е ставен под контрола. Но, во пробиштипското село Бучиште сè уште мириса на чад, а сопствениците на изгорената викенд куќа со маски на лицето доцна попладнево со црeво го догаснуваа пожарот. Изгорена е целата покуќнина во куќата.
Мештаните од околните куќи кои се опожарени се исцрпени по битката со огнената стихија и велат дека добро е и имаат среќа што нема повредени. Инаку огнената стихија која се движела кон регионалниот пат Штиp – Пробиштип и кон селото Неокази предизвикала и сообраќајна несреќа. Во која едно возило за да ги избегне огнените јазици преминало на спротивната лента и се судрило со друго возило.
Попладнево пожари имаше и на три локации во Штип. Гореше и на тврдината Исар, каде што огнот поради ветерот се ширеше на сите страни. Пожарникарите, доброволците и жителите учествуваа во гаснењето на пожарот. Станува збор за непристапен терен, со што дополнително се отежнуваше и локализирањето на огнените јазици, кои се доближуваа до куќите во населбата Исар. Според очевидци пожарот е предизвикан од искрење на жица на електричен столб.
Гореше сончева централа кај селото Чардаклија, се запали сува трева меѓу штипска Млекара и текстилната конфекција „Албатрос“, каде што и работничките беа евакуирани. Колкава е материјалната штета од овие четири пожари дополнително ќе се утврдува.
Викторија Јованова











