Една година подоцна, тишината во Кочани говори погласно од зборовите. Болката не помина, градот продолжи да живее со неа. На 16 март минатата година згаснаа 63 животи, а со нив згаснаа и многу соништа, планови и иднини што никогаш нема да се остварат. Од тогаш, за кочанчани времето се дели на: пред и по трагедијата.
Една година подоцна, градот повторно се собира – во тишина, со солзи и со спомени. Не само за да се потсети на она што се случи, туку и за да им оддаде почит на оние што засекогаш останаа во сеќавањето на Кочани. Денеска се одбележува годишнината од трагедијата со низа настани посветени на изгубените животи. На комеморацијата се прикажуваа фотографии од младите луѓе, насмеани, полни со живот. Ова беше проследено со убави зборови и пораки – по што ќе останат запаметени жртвите на пламенот во „Пулс”.
Пред тоа, како симболика на празнината која остана во Кочани, беа поставени бели столици, со цвет на нив и лента со имињата на жртвите и годината на раѓање. Делегации оддаваа почит, сите се потпишуваа во книгата на жалост. Се одржа и молитва предводена од владиката Иларион, во „Паркот на револуцијата”.
Местото каде што се случи големата трагедија, сега е претворено во импровизиран меморијал.
Минатата година, од ова место известував за трагедијата во „Пулс”, што засекогаш го промени Кочани. Тогаш улиците беа исполнети со паника, солзи и прашања без одговор. Денеска, една година подоцна, градот повторно се собра. Овојпат во тишина, со цвеќе и со спомени за 63 изгубени животи.
Со свеќи во рацете и петминутен молк, родители, браќа, сестри, пријатели, во 02:32 часот по полноќ, времето кога се случи трагедијата, се помолија за прерано загинатите.
Петар Догов











