Казна затвор од 18 месеци пресуди Основниот суд во Битола за 21 годишен битолчанец кој пред речиси две години со автомобил го усмрти 25 годишниот Оливер Петровски додека со електричен тротинет одеше на работа. За семејството казната е прениска, а пресудата срамна.
Судиjката решила да ја сподели вината, половина од вината да ја префрли кај покојниот и да го осуди убиецот на мојот брат на срамна пресуда од 18 месеци затвор, рече Бојан Петровски, брат на Оливер.
Несреќата се случи во јули 2020, на улицата „8 септември“ во Битола, кога сега обвинетиот со бризна од 80 км на час, наместо пропишаните 50, престигнувал камион и удри во Петровски. При изрекувањето на казната како отежнувачки околности судот ги наведува не прилагодената брзина и смртните последици во оваа незгода, а олеснителни тоа што обвинетиот е млад, неосудуван, како и придонесот на починатиот за несреќата, кој според пресудата ја преминал улицата на триесетина метри од знакот за пешачкиот премин.
Обвинетиот во населено место не смеел со возилото да се движи со брзина поголема од 50 километри на час, а кога се приближувал до крстосница бил должен да вози со зголемена претпазливост. Сега покојниот Оливер Петровски извршил преминување на место каде тоа не смеел да го направи и придонел да стане жртва во сообраќајната незгода, се наведува во пресудата на Основниот суд.
Бојан вели дека нема да запре додека не ја најде правдата за неговиот брат. Ќе испрати писма до сите судски инстанци и релевантни чинители.
Јавниот обвинител и одбраната имаат право на жалба, ние како оштетени немаме право на жалба. Апелирам и јавното обвинителство и сите чинители да постапуваат во согласност со законот и во согласност со моралните и етичките причини, се работи за млад човек, за 25 годишен човек, вели Бојан Петровски.
Одбраната на обвинетиот не сакаше да ја коментира пресудата и рекацијата на семејството на загинатиот Оливер Петровски
Емилија Мисирлиевска











