Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека ќе распише гласање за доверба на владата на 15 јануари, што може да го отвори патот за вонредни избори во март. Тој на прес-конференција ја објасни одлуката за смена на министерот за финансии, Кристијан Линднер, што неговата коалиција ја стави во ризик од распаѓање.
Шолц кажа и дека Германија мора да оди напред по американските избори на кои победи Доналд Трамп. Неколку минути пред објавата на веста за смена на министерот за финансии, германските медиуми објавија дека лидерот на „Слободни демократи“ му предложил на својот партнер, канцеларот Шолц, одржување избори на почетокот на следната година.
Ова било предложено како решение за владината криза, но Шолц ја одбил ваквата сугестија. Шолц го смени Линднер по повеќе недели коалициски преговори за економската иднина на Германија. Линднер барал опсежни економски реформи, на што се спротивставиле другите две партии во коалицијата.











