Именувања на директори и в.д. дриектори на државни и јавни претпријатија, назначување на нови амбасадори, разрешувања, измени на закони, проширување на опфат на фирми за унгарскиот кредит. Сите овие битни и клучни информации останаа недостапни за медиумите и граѓаните бидејќи Владата на официјалната веб-страна ги нема поставено записниците од последните шест седници како и соопштенијата со донесените одлуки за дваесет одржани седници во периодот од 3 октомври до 17 јануари.
На пример на 38 седница одржана 10 декември, под точка 54 е донесена одлука да се разреши комплетниот состав на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион и да се именува нов. Ако се земе предвид хаосот кој владее на Охридското крајбрежје и неколкуте одлуки на УНЕСКО издејствувани со лобирање во корист на Охрид кој сега засега се уште е на листата, оваа информација е неопходно да се достави до медиумите.
Исто така во видео обраќањето на портпаролот Митева, поставено на официјалниот канал на Владата на социјалната мрежа „Инстаграм“, кое се однесуваше на последната одржана седница на Владата за која инаку не е објавен записникот, нема никаква информација за разрешување и именување на амбасадори.
Телма повторно побара одговор што Владата зошто на официјалната страна недостасуваат записници и соопштенија за седниците кои по закон се должни да ги постават пред и по одржување но одговор нема.
Ако ја отворите веб-страната на Владата и се обидете да отворите соопштение за било која од 25 до 44 седница линкот ве води на истото место, соопштение за обраќањето на премиерот Мицкоски околу сајбер безбедноста.
Владата официјално ги именуваше портпаролите Марија Митева и Венера Азизи на 8 октомври, три и пол месеци откако премиерот Мицкоски влезе во кабинетот на Илинденска бр2.
Огнен Чанчаревиќ











