Паралелни штрајкови ја парализираа Германија. Се откажуваат авионски летови и железнички линии поради дводневниот протест на вработените во авиокомпанијата „Луфтханза“ и железничкиот оператор „Дојче бан“. Револтирани се од платите и работните услови. Синдикатите побараа намалување на работните часови без редуцирање на сумата што ја добиваат месечно, за којашто очекуваат дури и зголемување, но не беше прифатено. Синдикатот на машиновозачите инсистира работната недела да се сведе од 38 на 35 часа.
„Синдикатот ГДЛ инсистира на 35 часа. Но спор за плата не се решава доколку едната страна продолжува да прави компромис, а другата не се поместува ни милиметар од својата крајна понуда. Сега се фокусираме нашите патници и производи да стигнат до предвидената дестинација за време на штрајкот. Правиме се што можеме“, изјави Ахим Штаус, портпарол на „Дојче бан“.
Според проценките, од дводневниот прекин на авионските и железничките линии ќе бидат засегнати милиони патници.
„Доста е. Ова е многу непријатно и не разбирам дали некои од барањата, дел од нив се секако оправдани, мора да бидат наметнати со вакви сурови средства“, изјави Волтер Рорер, жител на Минхен.
„Морам да се вратам во Италија, се надевам дека единствениот воз што функционира ќе може да ме однесе таму. Ова секогаш е катастрофално бидејќи во овој период постојано има вакви штрајкови во Берлин“, изјави Џада Готарди, жител на Италија.
Штрајкот треба да трае до 13 часот во петок.











