Законските решенија во државата јасно предвидуваат како треба да се постапува во случаи на семејно и родово базирано насилство, но проблемот е во нивната примена, смета Каја Шукова од СДСМ.
Таа посочи дека по вакви трагедии јавноста бурно реагира, но реакциите со текот на времето се намалуваат, а системските проблеми остануваат.
„Навистина многу често после вакви трагедии јавноста е бурна извесен период, но за жал сметам дека кај најголем дел од граѓаните, можеби и институциите, па и политичките партии, бледее сета таа негативна еуфорија по ваквите настани“, изјави Шукова.
Според неа, законот донесен во 2021 година, со кој се регулира насилството врз жените и семејното насилство, е солидно поставен, но институциите не ги исполнуваат своите обврски во целост.
„Законот добро ја регулира оваа област, меѓутоа сметам дека сè уште има затајувања и институциите не ги исполнуваат своите обврски, и поради тоа ни се случуваат вакви трагедии“, нагласи Шукова.
Осврнувајќи се на последниот трагичен случај на семејно насилство, таа истакна дека дополнителна тежина на трагедијата дава фактот што е загубен и детски живот.
„За последниот случај мислам дека е најтрагичен, бидејќи имаме загуба и на дете. Во период од два до три месеци жртвата поднесувала повеќе пријави, кои очигледно под притисок ги повлекувала“, рече таа.
Според Шукова, токму тука требало да реагираат институциите и да направат проценка на ризик.
„Очигледно е дека тука затаиле институциите кои требало да направат проценка на ризик за да утврдат зошто жртвата поднесува, а потоа ги повлекува пријавите“, додаде таа.
Таа предупреди дека бројот на вакви случаи расте од година во година и побара институциите посериозно да ја сфатат својата улога.
Т.Д.











