Привремениот Претседател на Сирија, изјави дека негов приоритет е да ги заштити Друзите во својата држава, откако Израел вети дека ќе ги уништи владините сили кои беа обвинети за напад врз припадниците на ова религиско малцинство во провинцијата Сувеида.
Во своето прво телевизиско обраќање по Израелските напади на Дамаск во текот на вчерашниот ден, Ахмед ал-Шараа истовремено предупреди дека Сиријците не се плашат од војна.
Сириските државни медиуми известија дека војската се повлекла од Сувеида, во согласност со договорот за прекин на огнот постигнат со лидерите на Друзите, иако во моментов никој не знае дали тој ќе се одржи.
Повеќе од 350 лица се убиени по почетокот на секташките судири меѓу милитантните групи на Друзите и Бедуинските племиња во провинцијата Сувеида во неделата.
Владата одговори со распоредување на своите сили во зоната на судирите, за прв Шпат откако сунитската исламистичката група на ал-Шараа ја предводеше бунтовничката офанзива со која во декември, беше соборен од власт Претседателот Башар ал-Асад, завршувајќи ја 13-годишната граѓанска војна во државата.
Религијата на Друзите произлегува од Шиитскиот ислам, со свој посебен идентитет и верувања. Покрај Сирија, поголеми заедници на Друзи има и во Либан, Јордан, Израел и окупираната Голанска висорамнина.
Сириските Друзи и останатите малцинства останаа сомничави кон ал-Шараа, откако тој ја презеде моќта, заради неговото џихадистичко минато.
Неговата исламистичка група, Хајат Тахрир ал-Шам, во минатото била поврзана со Ал-Каеда, поради што од страна на Обединетите Нации се уште е категоризирана како терористичка организација.











