Скопјани и денеска се разбудија со нездрав воздух. Странскиот сервис IQ-Air го смести главниот град на 14 позиција на листата на најзагадените градови во светот. Границата на отровни честички е многу над дозволената горна граница, со тоа што е измерена концентрација од 79 микрограми ПМ 2,5 честички на метар кубен. Проблемот е системски, решенија нема, а надлежните уверуваат дека се работи на случајот.
Светската банка денеска изнесе поразителни бројки. Речиси 3.000 смртни случаи на годишно ниво во Македонија се поврзани со аерозагадувањето. Скопје и Тетово се лидери во Европа по отровните честички. Во главниот град, загадувањето е дури осум пати над просекот, а во полошкиот регион петпати.
„Аерозагадувањето убива околу 2.800 граѓани на Северна Македонија секоја година. Тоа е еден од најголемите здравствени ризици во земјата. И покрај забележителните подобрувања од 2019 година, аерозагадувањето е многу високо особено во зимскиот период. Луѓето во Скопје и Тетово се изложени на особено високо ниво на токсични материи или тоа што го дефинираме како 2,5 ПМ честички и тоа е повисоко отколку другите земји во Европа“, вели Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка во Македонија.
Домаќинствата користат неквалитетни начини за греење, урбаниот транспорт е причина плус – властите прстот го вперуваат во овие причини. На проблемот се работи со конкретни мерки, уверува министерот за животна средина, Меџити.
„Ние веќе усвоивме и работиме на конкретна Програма каде што освен гасификацијата е предвидено да има и когенеративни гасни системи. Исто така планираме да ги субвенционираме граѓаните да се враќаат на централното греење, посебно во урбаните средини“, изјави Изет Меџити, вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање.
„Сега во пракса ќе се предвиди едно силно централизирано тело коешто ќе се занимава со инспекција во животната средина и коешто ќе може на сите овие, и по вертикала и по хоризонтала, да прави инспекција, а не да си предаваме надлежности или да не си даваме можности за образложенија од типот на „не е моја надлежност“, рече Даме Димитровски, советник за екологија на претседателот на Владата.
Во вакви околности, здравствените експерти препорачуваат да се избегнува подолг престој на отворено и да се поминува повеќе време во затворени простории особено онаму каде што има прочистувачи на воздух.
Петар Догов











