Овој петок и сабота, на 27 и 28 февруари, на вториот кат во Skopje City Mall ќе се одржи третото издание на Саемот за образование и кариера – настан кој се позиционира како централен национален собир што ги поврзува младите со образовните институции и бизнис-секторот.
Настанот е во организација на „Студентарија“, најголемата студентска и младинска информативна платформа, во соработка со Скопје Сити Мол. Во изминатите години, саемот привлече голем број матуранти, студенти и родители, нудејќи им можност на едно место да се информираат за академските и професионалните перспективи во земјава.
Саемот е наменет пред сè за средношколците-матуранти кои се наоѓаат пред одлуката каде да го продолжат своето образование, но и за студенти што размислуваат за постдипломски студии, специјализација, преквалификација или бараат пракса и можности за вработување. Главната цел е младите да донесат информирана одлука за својата иднина, како и да се промовираат можностите што ги нуди домашното високо образование и кариерниот развој.
Годинава учеството го потврдија 12 универзитети со повеќе од 100 факултети од Македонија, академии за дигитални вештини и современи професии, како и бројни компании. Меѓу учесниците се Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот во Тетово – Факултет за применети науки, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитет Американ Колеџ Скопје, АУЕ-ФОН, Меѓународниот Балкански Универзитет, Универзитет Скопје, Бизнис Академија Смилевски, Меѓународниот Славјански Универзитет, Хајделберг Факултет во Скопје, како и Avenga Academy и Inspire Academy.
Посетителите ќе имаат можност директно да разговараат со претставници на факултетите и компаниите, да се информираат за студиските програми, уписните рокови, стипендиите и студентскиот живот, но и да присуствуваат на панел-дискусии и работилници посветени на кариерно советување и развој на вештини потребни на современиот пазар на труд.
Во рамки на програмата ќе биде организирано и „Родителско катче“, наменето за родители и старатели, каде ќе можат да добијат релевантни информации и насоки за поддршка на младите во процесот на избор на образование и кариера.
Саемот за образование и кариера 2026 се реализира со поддршка од Шпаркасе Банка, Пивара Скопје и Wolt. Настанот ќе биде отворен за посетители од 11:00 до 16:00 часот во двата дена, а влезот е бесплатен за сите заинтересирани.
Т.Д.











