Синдикатот за култура на Македонија поднесе кривична пријава за министерот за култура и туризам Зоран Љутков во ОЈО- Скопје. Како што рече претседателката на СКРМ на пресот пред ОЈО, кривичната пријава за Љутков е за „ Злоупотреба на службена должност и овластување“ и за „ Повреда на правата од работен однос“. Кривичната пријава е за пресметката на платите лани во април, со која вработените не го добија зголемувањето од 8, 5%, туку добија за 3% пониски плати зашто не беше испочитувано правото од Општиот колективен договор за јавен сектор, нешто што во правна држава не смее да се направи, кажа претседателката на СКРМ.
- Министер Љутков, се разбира дека ова можеше да се избегне. Требаше само да се почитуваат законите и колективните договори. Требаше само да се почитуваат судските пресуди. Требаше само да се слушнат луѓето со кои до вчера работевте. Требаше само да се сетите дека утре повторно ќе седите со нас, а не над нас, кажа Вера Атанасовска, претседателка на СКРМ.
Седумдесет и три кривични пријави ќе бидат поднесени за директорите на сите националните установи од културата во државата, поради основи на сомнение за сторено кривично дело „ Повреда на правата од работен однос“, зашто според Синдикатот, спровеле незаконска пресметка на платите.
Тврдењата на СКРМ се неточни и паушални, кажа министерот за култура и туризам. На прес во влада, во присуство на директорите на установите од културата, тој го обвини СКРМ дека барал незаконски да се пресметуваат платите во културата, за да бидат повисоки во однос на останатите вработени во јавниот сектор.
- За да биде појасно, во 2025 година минималната плата во јавниот сектор на РМ, за пресметка на основната бруто плата изнесуваше 36037 денари, а барањето на Синдикатот за култура беше пресметката на основната бруто плата да се прави на износ од 39641 денар, кој што ги става во поповолна ситуација од сите други од јавниот сектор, што е спротивно на минималната плата, објавена согласно законот, рече Зоран Љутков, министер за култура и туризам.
Според Љутков, пресметката на платите во културата, направена со владата , е согласно законите и е предвидена во колективните договори, каде што е вградено покачувањето од 10%. Не се прекршени работничките права, дополни министерот.
Сотир Трајков
https://youtu.be/BooXvgg3iIw
Б.С.











