Словачка по 1 јануари ќе направи проценка на ситуацијата со гасот и ќе разгледа можност за возвратни мерки кон Украина, порача словачкиот премиер Роберт Фицо во видео порака на социјалните мрежи.
„Ако е неизбежно, ќе запреме со испорака на електрична енергија која е итно потребна на Украина за време на прекинот на мрежата или ќе се договориме за друг метод“, рече Фицо.
Според него, запирањето на испораките на руски гас преку Украина ќе ја чинат Европската Унија околу 120 милијарди евра за периодот 2025-2026 година. Тоа ќе доведе до зголемување на цената на енергенсот, што ќе претставува дополнителен удар за ЕУ.
Важечкиот договор за транзит на руски гас во Европа преку Украина истекува на 31 декември. „Гаспром“ лани преку таа траса испорача околу 15 милијарди кубни метри гориво или 4,5 отсто од вкупната потрошувачка во Европската Унија.
Володимир Зеленски минатата недела ја отфрли можноста за продолжување на транзитниот договор, дури и за купување на трети земји. Експертите, пак, предупредуваат дека прекинот на испораките од Русија се заканува со зголемување на цената на гасот и за лолани гасни нестабилности низ Европа.
Ако транзитот биде запрен, единствен извор за рускиот гас за Европјаните ќе биде Балканскиот тек, кој го добива горивото преку Турскиот тек. Секоја година преку него се испорачуваат околу 14-15 милијарди кубни метри за Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Унгарија, Романија и Грција.











