Итно вработување на медицинските сестри кои со години работат без здравствено и пензиско осигурување, побараа од здружението. Решението е едноставно, велат од нивното здружение. Револтирани апелираат овој проблем системски да се реши и да нема вработувања со договор на дело, со оглед на тоа што има дефицит кога е во прашање оваа професија.
Од министерство смируваат. Договорците до крајот на февруари ќе добијат решенија со кои ќе им се продолжат договорите до 31 март. Уверуваат дека до почетокот на месец април ќе објават огласи за вработувања на неопределено време.
Здружението на медицински сестри проблемот не го гледа во министерството за финансии, туку во досегашните политики на менаџерите на болниците кои што не ги планирале, не ги побарувале и не ги подготвиле буџетите.
Телма побара став и од министерството за финансии, но не добивме одговор. Да добијат вработување очекуваат и приватните специјализанти. Во јули минатата година, владата им најави дека половина од нив ќе бидат вработени до крајот на 2024 година, а останатите оваа година. Но, досега ниту еден од нив не добил вработување на неопределено време. Од здравство велат дека процедурата е во завршна фаза и очекуваат час поскоро оваа административна постапка да биде завршена.
Симона Петровска











