Зрак светлина во темнината на лицата со попреченост или погребување на Министерството за социјална политика, демографија и млади? На ваква слика наидовме денеска пред ова министерство, откако лица по попреченост, нивни лични асистенти, претставници од Црвениот крст и од Коалицијата Менуваме, што ги застапува правата на лицата со хендикеп, дојдоа и запалија свеќи во знак на револт поради доцнењето на исплатата на надоместоците на личните асистенти. Од „ Менуваме“ кажаа дека личните асистенти на лицата со попреченост во Скопје, Прилеп и Струмица, не се исплатени за јуни и јули, а за август пари не стигнале во ниедна општина во Македонија .
Со изговор дека наводно паричните средства се повлечени од Министерството за финансии, но јас знам дека тие пари , согласно ребалансот на буџетот не беа предвидени да се кратат или додадат. Впрочем, парите ги нема веќе 3 месеци. Прво, не е идеално пари од Законот за социјална заштита да бидат кратени особено кај лицата со попреченост. Затоа сме денеска овдека, да поставиме прашање зошто тие доцнат?, изјави Суарет Алишан- Коалиција Менуваме.
Надоместокот за личните асистенти на лицата со попреченост го исплаќа Министерството за социјална политика, на барање на центрите за социјална работа, по претходно потпишан годишен договор. А, од Црвениот крст ги испраќаат фактурите за исплата до центрите за социјална работа. Секој личен асистент месечно заработува по 17 000 денари.
Тоа е сума за која пак ќе кажам дека е скромна, не е некоја сума за фалење. И таа сума да не ја добиваме, мислам дека не е во ред, вели Филип Георгиевски – личен асистент на лице со попреченост.
Од Коалицијата Менуваме се заканија дека ако до среда асистентите на лицата со попреченост не ги добијат парите, ќе излезат на масовен протест, со учество на над 900 засегнати граѓани. Но, и дека не се исплатени ни Дневните центри за згрижување на деца и лица со попреченост.
А, од Министерството за социјална политика, демографија и млади, во кус одговор до Телма велат дека проблемот е надминат и дека исплатата на паричните средства за личните асистенти на лицата со попреченост ќе се реализира во најбрз можен рок.
Сотир Трајков











