Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Собранието да биде поажурно во изборот на нов претседател на ДКСК, порачуваат експертите

/

пред 449 дена

Сподели преку :

Со оставката на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Татјана Димитровска, топката е префрлена во Собранието, кое мора да биде поажурно ѝ да избере нов претседател пред почетокот на кампањата за локалните избори, велат во невладиниот сектор.

Има опасност, локалните избори, кои треба да се одржат наесен да ја остават Антикорупциската без претседател, односно со еден член помалку.

  • „Постапката треба да ја водат исклучително ажурно, имајќи предвид дека се ближи, да кажеме, распустот на Собранието, а подоцна и локалните избори во кои Антикорупциската комисија и тоа како ќе има значајна улога и без претседател функционирањето не би било едноставно. Треба да бидат исклучително ажурни и брзи во спроведувањето на активностите. Имајќи го предвид претходниот избор и забелешките коишто како граѓански сектор ги имавме, да се надеваме дека научиле од грешките во минатото и дека ќе видиме еден транспарентен и објективен избор со што дополнително ќе се крене рејтингот и значењето на Антикорупциската комисија“, вели Снежана Камиловска Трповска, МЦМС.

По вчерашната оставка на Димитровска, има процедури за избор на нов претседател која може да трае 33 дена, но Изборниот законик предвидува дека од денот на распишување на изборите, што најверојатно ќе се случи на 8 август, не смее да има вработувања во јавниот сектор. Од Собранието не појаснија како ќе течат роковите за избор. Во меѓувреме, Антикорупциската комисија ја води заменик претседател.

Кога се бираше овој состав на Државната комисија за спречување на корупцијата кон крајот на 2023 година, невладините обвинуваа за политички пазар и оркестрирано и необјективно гласање. Само двајца од седумтемина избрани членови добија високи оценки од невладиниот сектор. Димитровска на пример беше избрана со по 100 бода од политичките партии, но по само 20 од невладиниот сектор.

Обвинението против неа дополнително го разниша кредибилитетот на Антикорупциската комисија. Останатите членови сега треба да станат поактивни и да ѝ покажат на јавноста дека се спремни да излезат од сенката на сето ова што се случува. Би било добро да станат медиумски повидливи со нивната работа и ставови, вели Камиловска Трповска.

  • „Би било многу добро за јавноста да види дека преземаат активности за проверка на одредени предмети на коишто работела досегашната претседателка на Антикорупциската комисија и да видат на кој начин истите тие биле сработени, дали имало некој пропуст во работење, дали имаме некакви сомнежи во тие случаи или пак да се констатира дека постапките се спровеле во согласност со словото на законот. Антикорупциска ќе каже дека тоа се колективни одлуки кои не се носат самостојно, но сепак, особено онаму каде што била известител претседателката, има голема улога известителот во самите случаи“, вели Камиловска Трповска.

Димитровска е обвинета за оддавање службена тајна на осомничен, како и за компјутерски фалсификат. Се товари дека во нејзино име колега ѝ полагал за безбедносниот сертификат за пристап до државни тајни.

Срѓан Стојанчов