Советот на Град Скопје донесе заклучоци синоќа со кои бара од министерството за животна средина да се испита работењето на Усје и сите големи индустриски загадувачи. Се задолжува и градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓоргиевски да се обрати до владата за да го разгледа начинот за дислокација на Усје и сите големи индустриски загадувачи надвор од скопската котлина.
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ вчера ја реализира најавената блокада во 18 часот на крстосницата помеѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ во Скопје. Од иницијативата велат дека протестот е одговор на според нив долгогодишното жртвување на јавното здравје на граѓаните во корист на профитни интереси.
Тие бараат итна реакција од надлежните институции, прекин на користењето на увозен отпад и дислокација на цементарницата од населена средина. Демонстрантите симболично поставија пехар со натпис „Трујач на годината – Усје“, а дел од нив носеа заштитни маски и гас-маски, укажувајќи на сериозноста на проблемот.











