Советот на јавните обвинители ќе ѝ испрати негативно мислење на Владата, која ја почна, па ја стави на пауза, постапката за разрешување на државниот обвинител Коцевски. Шесте членови на Советот кои не го подржаа предлогот за разрешување се претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска, заменикот Башким Бесими, членовите Јелена Догазанска Колева, Зорица Павловиќ, Ермон Незири, избрани од обвинителите и Светлана Стојковиќ избрана од Собранието.
Предлогот на Владата за разрешување на Коцевски го поддржаа Ардијан Демири и Кети Петкова, избрани од Собранието и Марјана Илиеска, избрана од обвинителите. Аргументите за позитивно и негативно мислење, јавноста не можеше да ги слушне, но од советот уверуваат дека записниците ќе бидат објавени во наредниот период.
„Јавноста беше исклучена заради заштита на угледот и интегритетот на јавниот обвинител, како и заштита на податоците коишто беа содржани во доказите коишто јавниот обвинител ги достави заедно со произнесувањето по предлогот“, рече Душица Димитриеска, претседателка на Советот на јавни обвинители.
Владата во февруари ја започна постапката за разрешување на Коцевски, а премиерот рече дека и со негативно мислење од Советот, процедурата ќе продолжи пред пратениците кои го имаат последниот збор за разрешувањето.
Минатата недела Мицкоски најави дека постапката ќе запре поради истрагата за трагедијата во Кочани, но беше и дециден дека повлекување од постапката за разрешување не е трајно.
Советот имаше законски рок да достави мислење, а од Владата објаснија дека откако ќе го добијат мислењето, предлогот за разрешување на обвинителот нема да го испратат до Собранието.
Согласно законот за јавно обвинителство, на денешната седница не присуствуваше Коцевски кој е член во Советот по функција, но тој даде одговор на владиниот предлог за негово разрешување. Тој ги отфрли сите наводи и рече дека не сторил тешка дисциплинска повреда.
Владиниот предлог за разрешување на Коцевски кој Телма го доби по слободен пристап до информации од јавен карактер е на три страници со обвинувања кои јавноста веќе можеше да ги слушне во изминатиот период од власта, но без детали.
Сериозни проблеми со функционалноста, неефикасност во кривичното гонење, слаби резултати, нарушен угледот на обвинителството, се дел од забелешките во образложението. Како потврда за ваквите констатации, Владата се повикува на стручна и општа јавност и други релевантни меѓународни показатели меѓу кои Индексот на перцепција за корупцијата на „Транспаренси“.
Според владата, државниот обвинител неовластено изнесувал податоци за предмети во јавноста со што ја повредил тајноста на постапките. Конкретно за кои предмети станува збор не пишува.
За Владата, крупна професионална грешка на Коцевски е задолжително упатство од 31 јули лани, со кое, како што велат, ги пречекорил неговите надлежности. Посочуваат и дека лично придонел за сериозно нарушени меѓучовечки односи во обвинителството.
„Генерирајќи конфликти меѓу самите обвинители на сите нивоа, преку намерни пропусти во своето работење ја направи целосно нефункционална институцијата Јавно обвинителство“, стои во предлогот на Владата.
Елена Ивановска Мукоска











