Пријатна, пријателска и конструктивна. Вака лидерот на СДСМ, Венко Филипче ја оцени денешната средба со претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која самиот ја побарал за да ѝ ја пренесе загриженоста за случувањата во Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање. Побарал и нејзина интервенција.
На средбата која траеше час и половина, се зборувало и за блокираната евроинтеграција и иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени со одложено дејство.
Од Кабинетот на Сиљановска информираа дека, меѓу другото, на средбата Филипче како претседател на Националниот совет за евроинтеграции ја нагласил потребата од активна соработка со владата околу спроведувањето на реформската агенда и планот за раст.
Средбата доаѓа само еден ден по брифингот на претседателката за медиумите, на кој таа рече дека е можен напредок во односите со Бугарија и барање на решение низ интерпретација на постоечката европската преговарачка рамка, нешто што таа му го пренела и на бугарскиот претседател Румен Радев за време на нивниот состанок во Баку.
Далиборка Демјанска Цветановска











