Се слушнаа неколку експолозии, одеднаш изби густ црн чад и се ширеше непријатна миризба. За неколку минути голем пожар ги зафати магацинските простории на некогашната фабрика „Макотекс“ во Карпош 4, во непосредна близина на телевизија Телма. Жителите од околните згради и вработените во соседните објекти во паника излегоа надвор. Поради страв дека пламенот ќе ги зафати и нивните возила, сопствениците најпрво брзо ги препаркираа автомобилите на побезбедна локација. Дел од граѓаните се движеа со маски, загрижени за сопственото здравје, но и за можноста пожарот да се прошири и на другите објекти.
„Во близина живеам. Враќајки се накај дома видов црн чад. Нормално од интерес да видам што гори кога пристигнав тука веќе беше цел објект во пламен и имаше неколку противпожарни возила што веќе почнаа со гасење“, вели жител.
„Јас тука живеам и кога почна да пука многу се исплашив“, вели жителка.
По куста и пожрвувана реакција на околните жители и вработени, на терен пристигнаа и осум противпожарни возила со 23 пожарникари, како и две цистерни од ЈП „Комунална хигиена“. По повеќечасовна борба со пламените јазици, пожарот беше ставен под контрола. Освен од земја, се гаснеше и од воздух. На еден прелет и ер-тракторот фрлаше вода над огнот.
„Кога дојдовме пожарот беше во развиена фаза. Уште при повик самиот јавувач кој го пријави пожарот кажа дека самиот се обидел да го гаси пожарот, но му избегал од контрола. Затоа уште еден апел до сите граѓани веднаш да ги пријавуваат пожарите за побрзо да се интервенира. Еден од колегите побара помош и беше префрлен во најблиската болница“, изјави Ѕвонко Томевски, командант на Бригадата за противпожарна заштита.
На местото на настанот пристигна и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој порача дека ваквите објекти се сериозна опасност и дека согласно новиот детален урбанистички план ќе бидат отстранети.
„Општина Карпош мора да се ослободи од вакви супстандардни објекти. Тие се секојдневна опасност и затоа за овде имаме урбанистички план кој чека одобрување“ изјави Стевчо Јакимовски, градоначалник на Општина Карпош.
Од некогашната градба останаа само изгорени греди, урнатини и пепел како сведоштво за големиот пожар што со часови беснееше низ магацините. Причините за пожарот ќе ги истражува МВР.
Тамара Марковска











