Родителите на починатите деца реагираат дека судењето за одговорните за пожарот во „Пулс“ се претвора во „циркус и хаос“. Тие негодуваат дека адвокатите се обидуваат да ги испровоцираат и тие да бидат избркани од судењето.
„На претходното рочиште, родител изреагира на изјавата на адвокат кој коментираше снимка од трагичната ноќ на која се гледаше како момче излегува од дискотеката. Адвокатот рече „како може да има 700 степени кога се шетаат како на пазар“ рече Наунов.
На ваквата изјава на адвокатот изреагирал родител кој потоа бил избркан од судењето. Слични провокации од страна на адвокатите имало и на денешното судење.
„Денес судницата повеќе личеше на пазар, отколку на место каде треба да се бара правда за 63 изгаснати животи и стотици уништени судбини. Надвикување од сите страни. Прекинувања. Дообјаснувања без крај. Иронија, провокации и театрални настапи. Адвокати што се однесуваат како да водат медиумско шоу, а не постапка за трагедија што го зави Кочани во црно“, вели родителот Александар Наунов.
Тој додава дека има циркус од процедурални игри, договарања и обиди да се развлече, релативизира и замагли суштината.
„И најпоразително е што сето тоа се дозволува пред очите на родителите кои секое рочиште го преживуваат како повторен погреб. Ние не доаѓаме таму од интерес. Не доаѓаме од политички причини. Доаѓаме затоа што нашите деца ги нема. А денес, и покрај присуството на обвинителите, оштетените и јавноста, чувството беше како однапред да се знае до каде смее да оди вистината, а до каде смее да оди одговорноста“, вели тој.











