Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Судска медицина соопшти – густиот чад причина за смртта на загинатите во Кочани

/

пред 580 дена

Сподели преку :

Насилно задушување е причина за смртта на сите 59 луѓе кои го загубија животот во дискотеката во Кочани.

Првиот човек на Институтот за судска медицина, проф. д-р Александар Станков, денеска пред јавноста го објасни текот на обдукцијата. Заедно со деканот на Медицински факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ, потврдија дека тимот ја завршил целата работа за помалку од два дена.

За идентификација се применети два методи – дактилоскопија и ДНК-анализа. Од сите обдуцирани, вкупно 70% се на возраст помеѓу 16 и 29 години.

Во текот на месецов се очекува да бидат завршени сите извештаи од обдукцијата.

„Кај дел од нив се пронајдени изгореници од прв и втор степен, кај тројца имаше изгореници од четврт степен, меѓутоа причина за смрт е задушување. Доколку прашувате дали имало повреди од пад на некои греди – такви повреди нема. Меѓутоа, повреди и скршеници на ребра и тоа што се вика задушување заради притисок што се случува при стампедо односно компресивна асфиксија има кај четворица“, вели проф. д-р Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина. 

Обдукцијата е начин на собирање докази, а кај вакви масовни трагедии круцијална е и идентификацијата на жртвите, појаснува директорот на Судска медицина.

Според д-р Станков, ќе биде потребно повеќе време да се извршат токсиколошките анализи. Сѐ што ќе биде сработено, ќе биде испратено во обвинителството.

„Ние сега ги работиме токсиколошките анализи за да утврдиме што е присутно во крвта. Меѓутоа, според макроскопскиот наод за време на обдукциите, кај најголем број од нив има јаглерод моноксид. Јаглерод моноксид е многу опасен гас, без мирис и вкус и делува на централниот нервен систем. Ги онеспособува жртвите и смртта може да настане многу брзо, за неколку минути – во зависност од концентрацијата. Во тој простор, во таков чад, јаглерод моноксид може многу брзо да делува. Ги онеспособува жртвите да избегаат“, вели д-р Станков од Судска медицина. 

Облеката и личните предмети на загинатите, коишто се најдени за време на обдукциите се наоѓаат во Институтот за судска медицина и се во надлежност на Јавното обвинителство.

Обвинителите ќе одлучат што ќе биде со нив, бидејќи можат да бидат земени и како докази во судска постапка, вели д-р Станков.

Петар Догов