Судскиот совет в понеделник ја покани на средба претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми поради последните случувања и објавени написи во медиумите за политички притисоци врз судиите во највисокиот суд врз вршењето на нивната функција.
Во поканата адресирана до Адеми се цитира и Законот за судовите, односно членот 11 во кој се наведува дека судијата одлучува непристрасно со примена на Закон врз основа на слободна оценка на доказите и се забранува секој облик на влијание врз независноста, непристрасноста и самостојноста на судија на вршењето на судиската функција по кој било основ и од кој било субјект.“
Од Судскиот совет додаваат дека средбата треба да се оствари без одлагање поради сензитивноста на прашањето. Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер на 25 октомври имаше средба со судиите од Врховниот суд. На средбата, како што соопштија од амбасадата, било истакнато дека независноста на судството е најсилната гаранција за владеењето на правото и дека во носењето на судските одлуки не смее да се дозволи мешање на другите власти.











