Косовскиот премиер Албин Курти го прифати предлогот на САД за 48-часовно одложување на спроведувањето на одлуката на косовската Влада за изрекување казни за сопствениците на возила со регистарските таблички КМ.
Американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер, јавно објави дека побарал од косовската Влада да се одложи казнувањето на сопствениците на возила со српски регистарски таблички од градовите во Косово кои не ги пререгистрирале возилата на РКС уште 48 часа, така што на Европската унија и САД им се овозможи дополнително да се ангажираат со страните за изнаоѓање решение.
Ховениер додаде дека САД се загрижени што лидерите на Косово и Србија не успеале да постигнат договор за актуелната криза во Косово.
Премиерот на Косово Албин Курти објави дека го прифатил американскиот предлог.
„Му благодарам на амбасадорот Ховениер за неговата посветеност. Го прифаќам неговото барање за 48-часовно одложување на изрекувањето на казните за нелегалните таблички „КМ“, наведе Курти во објава на Твитер.
Меѓународните воени сили во Косово КФОР ги повикаа двете страни да избегнуваат чекори кои водат кон дестабилизација и судири и наведоа дека се подготвени да спречат ескалација во Косово.
На вчерашните преговори во Брисел не се најде решение за кризата со регистрации, а од ЕУ наведоа дека Белград го прифатил понуденото решение додека Приштина го отфрлила. Потоа следуваше американската сугестија која ја прифати Курти.











