Објавен е огласот за избор на нов претседател на ДКСК со што започнуваат роковите за пополнување на испразнетото место откако отказ од функцијата даде Татјана Димитровска по обвинението за две кривични дела. Заинтересираните кандидати имаат рок од 10 дена да се пријават на огласот.
Условите кои треба да ги исполнат е да се државјани на земјава, да имаат завршено високо образование, да се деловно способни, потоа да имаат најмалку 10 години искуство, од кои најмалку осум во областите на откривање или спречување на корупцијата, владеење на правото или добро управување. Воедно да не им е изречена забрана за вршење на професија, во последните 10 години да не биле пратеници или членови на Влада и да не биле донатори на политичка партија или да извршувале некоја функција во органите на политичка партија, како и тоа претходно да не биле претседател или членови на ДКСК.
Откако ќе заврши огласот, кандидатите кои ги исполнуваат условите ќе имаат јавно интервју во Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Потоа ќе бидат оценувани од страна на политичките партии и невладиниот сектор и врз основа на изготвената ранг-листа на кандидати комисијата ќе го предложи името на новиот претседател на ДКСК по што ќе оди на гласање на пленарна седница.
Собранискиот спикер Африм Гаши информираше дека ќе побара правно толкување на законот за да види дали може и по распишани избори, законодавниот дом да изгласа нов претседател на ДКСК. Изборите согласно најавите ќе бидат распишани најдоцна до 10 август.
Од невладиниот сектор по оставката на Димитровска повикаа Собранието да биде поажурно имајќи ги предвид забелешките кои ги имаа на нејзиниот избор и воедно да се избере нов претседател пред почетокот на кампањата за локалните избори. Во меѓувреме, Антикорупциската комисија ја води заменик-претседател.
Кога се бираше овој состав на ДКСК при крајот на 2023 година, невладините обвинуваа за политички пазар и оркестрирано и необјективно гласање. Само двајца од седумтемина избрани членови добија високи оценки од невладиниот сектор. Димитровска на пример беше избрана со по 100 бода од политичките партии, но доби само по 20 од невладиниот сектор.
Мандатот на Димитровска и на останатите членови и започна на 8 февруари 2024 година, а таа оставка поднесе на 25 јули. Димитровска е обвинета за оддавање на службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име го положил тестот за сертификат за државна тајна.
Престанокот на функцијата претседател или член на ДКСК е пропишан во Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, според кој, функцијата престанува пред истек на мандатот во случај на поднесена оставка.
Maрија Митевска











