Економско-социјалниот совет (ЕСС) ќе одржи седница во среда, на која повторно ќе се сретнат синдикатите, Владата и работодавачите.
Главни теми ќе бидат нови мерки за справување со растот на цените, за кои синдикатите сметаат дека требало да бидат донесени многу порано.
На седницата ќе биде презентирана и новата потрошувачка кошничка на Владата, креирана по критики за претходната на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), во која, според Владата, имало „спорни производи“.
Од Владата информираат дека покрај оваа кошничка, се разгледуваат и пет нови тематски кошнички, најавени од премиерот Христијан Мицкоски, кои треба да дадат појасна слика за реалните трошоци на граѓаните во различни категории.
Синдикатите, пак, на средбата ќе го реафирмираат своето барање за зголемување на минималната плата, укажувајќи дека со сегашните примања работниците не можат да се справат со постојаниот раст на животните трошоци.
Тие веќе го добија решението за репрезентативност, со што нивните барања добиваат официјална тежина во социјалниот дијалог.











