Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за МИА вели дека во иднина ќе има нови случаи поврзани со криминал и корупција на високи функционери, но исто така посочува и дека Јавното обвинителство и судовите не постапуваат еднакво за секој против кој е поднесена кривична пријава, како и дека за некои од случаите нема исчекор од страна на обвинителството.
-За жал, и покрај тоа што поднесовме огромен број на кривични пријави, како против поранешни министри, директори на институции, кривична пријава беше поднесена и против поранешен премиер, Јавното обвинителство и судовите гледаме дека не постапуваат баш еднакво спрема секој еден против којшто е поднесена кривична пријава. Останува времето да покаже дали во овој нареден временски период и Јавното обвинителство и судовите ќе се охрабрат да постапуваат во рамки на законски дадените овластувања, се со цел да можеме да видиме процесна правда, којашто е нужна да ја испорачаме како институција, но и суштинска правда којашто би требало да ги детектира сите оние кои незаконско работеле во изминатиот период и да овозможи поврат на оние средства што незаконски биле трошени од страна на одредени, без разлика дали се тоа министри, директори или кој било друг тип на функционери во изминатиот период, рече Тошковски.











