Американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Тајван да не прогласува формално независност од Кина.
„Не барам некој да стане независен“, изјави американскиот претседател за „Фокс њуз“ во петокот, на крајот од неговиот дводневен самит со неговиот кинески колега Си Џинпинг во Пекинг.
Си ја искористи можноста да упати директно предупредување до Трамп на негова домашна територија во врска со Тајван. „Прашањето за Тајван е најважното прашање во односите меѓу Кина и САД“, предупреди Си, според кинеските државни медиуми. „Доколку ова прашање не се реши правилно, двете земји би можеле да завршат во конфликт“.
Пекинг јасно стави до знаење дека сака позитивен однос, но само ако САД го почитуваат она што Кина го смета за своја „црвена линија“.
Како одговор, Доналд Трамп го предупреди Тајван да не прогласува формална независност од Кина, објави Би-Би-Си. „Не сакам никој да стане независен“, изјави американскиот претседател за Фокс њуз во петокот. „Не сакаме војни и ако се одржи статус кво, мислам дека Кина ќе биде согласна со тоа. Но, не сакаме никој да каже: „Ајде да бидеме независни затоа што САД нè поддржуваат“.
На прашањето дали САД ќе го бранат Тајван во случај на конфликт, Трамп одби да даде директен одговор. Трамп додаде дека наскоро ќе донесе одлука за продажба на оружје на Тајван во вредност од 11 милијарди долари, за која рече дека „многу детално“ разговарал со Си.
Тајванскиот претседател Лаи Чинг-те претходно изјави дека Тајван не треба да прогласи формална независност бидејќи веќе се смета себеси за суверена нација.
САД долго време го поддржуваат Тајван, вклучително и обврската со закон да му обезбедат средства за самоодбрана, но честопати мораа да го усогласат овој сојуз со одржување дипломатски односи со Кина.











