Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе го „имаат“ Гренланд „на еден или на друг начин“, тврдејќи дека во спротивно островот би можеле да го преземат Русија или Кина.
Во изјава за новинари, тој рече дека не сака овие земји да станат „соседи“ на САД во Арктикот. Трамп повтори дека преферира договор за преземање на Гренланд, кој е полуавтономна територија во состав на Данска и дел од НАТО.
Данската премиерка Мете Фредериксен предупреди дека евентуално американско преземање на Гренланд би значело крај на НАТО, на што Трамп одговори дека не е сигурен дали алијансата би застанала зад САД доколку тоа би било потребно.
Гренланд е најголемиот остров во светот, со околу 57.000 жители и без сопствена армија, додека одбраната ја обезбедува Данска.
Сè уште не е јасно како би реагирале другите членки на НАТО доколку САД се обидат насилно да ја преземат контролата врз островот и дали би ја поддржале Данска во такво сценарио.
-Видете, ако не го земеме Гренланд, Русија или Кина ќе го земат и нема да дозволам тоа да се случи.Да, секако. Би сакал да склучам договор со нив, полесно е. На еден или друг начин, ќе го добиеме Гренланд, изјави Трамп.











