Американскиот претседател Доналд Трамп денеска донесе одлука за суспендирање на најавените царини за Мексико за месец дена, пренесува „Ројтерс“.
„Се радуваме на преговорите со претседателката Шеинбаум во настојувањето да постигнеме договор меѓу нашите две земји“, рече Трамп по телефонскиот разговор со мексиканската претседателка, Клаудија Шеинбаум.
Тој истакна дека ќе биде дел од преговарачкиот тим на САД со Мексико, заедно со државниот секретар, Марко Рубио, министерот за финансии, Скот Бесент и секретарот за трговија, Хауард Лутник.
Шеинбаум претходно на платформата Икс напиша и дека мексиканските власти веднаш ќе ја засилат контролата на северната граница, со САД, со распоредување на 10.000 припадници на Националната гарда за спречување на криумчарење на дрога од Мексико во САД, пред сè фентанил.
„САД се обврзаа дека работат на запирање на криумчарењето на моќно оружје во Мексико“, наведе Шеинбаум и додаде дека двете земји ќе продолжат со разговорите за безбедност и трговија.











