Трамп ѝ најави тарифи од 30 отсто од 1 август, Европската Унија се мобилизира. Според „Политико“, вработените во Европската Комисија добиле насока да го прекинат одморот и итно да се појават на работа. Европските престолнини, пак, веднаш влегоа во кризен режим за проценка на наредните чекори. Пет дипломати потврдија дека за попладнево во Брисел се закажани вонредни консултации со амбасадорите на земјите членки на блокот пред утрешниот состанок на министрите за трговија.
Европската Унија го повлекува првиот чекор. Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, најави суспензија на одмазничките тарифи кон Вашингтон кои требаше да стапат во сила утре и изрази надеж дека е можен трговски договор со администрацијата на Трамп до крајот на месецот. Порача дека е време за преговори, но најави дека Брисел паралелно ќе работи на контрамерки, доколку не се најде заеднички јазик со САД.
„Соединетите Американски Држави нѝ испратија писмо со мерки што ќе стапат на сила, доколку не се постигне решение. Затоа, ние ќе го продолжиме со суспензија на нашите контрамерки до почетокот на август. Во исто време, ќе продолжиме да подготвуваме натамошни контрамерки, за да бидеме целосно подготвени“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската Комисија.
Најавата на Трамп предизвика реакции и кај европските лидери. Дел од нив, како италијанската премиерка Џорџа Мелони, ја нагласија потребата од фокус на трговските преговори со Вашингтон и избегнување на натамошна полизаризација. Сојузот на германската индустрија повика на итни разговори и објективен дијалог за надминување на растечките трговски тензии од двете страни на Атлантикот. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, пак, нагласи оти ЕУ останува цврста, обединета и подготвена да ги заштити сопствените интереси.
На смиреност повика и претседателката на Мексико, Клаудија Шејнбаум, за чија земја Трамп, исто така, најави царини од 30 отсто од 1 август. Таа е уверена дека нејзината земја ќе успее да постигне подобри услови со американската администрација.
„И работна група беше формирана. Во писмото (на групата), јасно се наведува дека целта е да се постигне договор за избегнување на овие тарифи. Затоа, тие го наведоа 1 август. И ние веруваме дека врз основа на она што нашите колеги го дискутираа вчера, ќе постигнеме договор со владата на САД и, секако, ќе постигнеме подобри услови. Секогаш велев дека во овие случаи, треба да се остане смирен за да се соочиме со каков било проблем. Јасно ни е за кои работи можеме да работиме со владата на САД, а за кои не можеме. И има едно нешто за кое никогаш не се преговара, а тоа е суверенитетот на нашата земја. Ви благодарам на сите. Да живее народот Јаки. Да живее Сонора. Да живее Мексико“, изјави Клаудија Шејнбаум, претседателка на Мексико.
Американскиот претседател Доналд Трамп ќе воведе царини 30 отсто за увоз од Европската Унија и Мексико кои ќе почнат да се применуваат од 1 август. Новите царини се објавени во писмо што го истакна на социјалната мрежа „Трут сошл“. Американскиот претседател со предупредување до ЕУ – „ако возвратите. ќе бидат поголеми“.
Дваесетина, главно азиски земји, веќе примија слични писма од почетокот на неделата, со примена на царини од 25 отсто на производи од сојузници како Јапонија и Јужна Кореја, до 40 отсто за држави како Лаос и Мјанмар. Трамп објави и царини од 35 отсто за увоз од Канада од наредниот месец, а планира да воведе и општи царини од 15 или 20 отсто за најголем дел од останатите трговски партнери на САД.
Сашко Димовски











