Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров изјави дека Москва сака да дознае што точно мисли американскиот претседател Доналд Трамп под изјавата дека Москва и Киев имаат 50 дена за постигнување на договор.
„Секако дека би сакале да разбереме што стои зад оваа изјава за 50 дена. Пред тоа веќе беа поставени рокови од 24 часа и 100 дена, сето тоа веќе го видовме. Навистина нè интересира која е мотивацијата на американскиот претседател“, рече Лавров на прес-конференција по состанокот со министрите за надворешни работи на земјите членки на Шангајската група за соработка во Кина.
Лавров повтори дека Вашингтон и досега поставувал рокови во врска со војната во Украина, но според руските оцени, зад нив не се криела конкретна стратегија. Неговиот коментар доаѓа по 24 часа од засилување на дипломатскиот притисок на Трамп со најава дека „на Русија ќе ѝ бидат воведени нови царини, а Украина ќе добие „врвно“ оружје“ ако не се постигне договор за крај на војната.
Москва засега не одговори официјално на заканите. Лавров истакна дека Русија се обидува да процени колку администрацијата на Трамп сериозно планира да ги спроведе најавените мерки.











