Три смртни случаи за еден месец на детската клиника. Лекарски пропусти, родителска негрижа или проблеми во примарното здравство. Граѓаните прашуваат, надлежните креваат раменици. По смртта на 14-месечното бебе и новороденчето од Струмица, јавноста ја вознемири уште една вест. На клиниката почина и петгодишно дете од воспаление на мозокот. Државниот инспекторат во вонреден надзор, додека директорот на Клиниката уверува ова што се случува е политичка хајка против него.
На својот фејсбук профил објави и фотографија во која тврди дека во изминатите години стапката на смртност била и до трипати поголема за разлика од годинава, а просечно имало и по девет смртни случаи месечно.
„Во овие четири месеци додека сум в.д. директор на Универзитетската клиника за детски болести, додека ја скенирав состојбата на Детска Клиника, наидов на многу проблеми наталожени и нерешени со години. Некои од нив се високоризични дефекти кои итно ги адресиравме и сега сме во фаза на нивно санирање“, вели директорот Реџеп Мемеди.
За 14-месечното бебе сè уште се води постапка за утврдување на евентуална лекарска одговорност. Судот на честа при Лекарската Комора ќе утврдува дали е прекршен етичкиот кодекс, а доколку се утврдат елементи на повреда на Кодексот, ќе следуваат понатамошни постапки.
„По добиените насоки за постапување од Министерство за здравство и направените консултации во рамките на Комората, одлучено е да се свикаат органите што се дел од Судот на честа, кои ќе треба да утврдат дали во Извештајот од извршениот надзор над стручната работа на ЈЗУ Универзитетската клиника за детски болести Скопје и ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле Скопје, за лекувањето и третманот на починатото дете Р.С., има елементи на повреда на Кодексот на медицинска деонтологија“, велат од лекарската комора.
За смртта на осумдневното бебе од Струмица, директорот на Детска тврдеше дека нема ништо спорно, бидејќи новороденчето било предвреме родено со мала тежина и со тешка форма на сепса. Државниот санитарен и здравствен инспекторат постапуваше и по овој случај, но не утврди пропусти. За сите прашања и евентуална одговорност за смртните случаи на детската клиника, директорот Мемеди најави одговори во текот на наредната недела.
Симона Петровска











